Ракометарите на Еурофарм Пелистер се првите што обезбедија пласман во финалето на Купот на Македонија. Во празната арената „Борис Трајковски“ во Скопје, битолчани го победија Тиквеш со 33-29 и в неделна ќе се борат за трофејот.
Иако беше најавувано присуство на двете навивачки групи од Битола и Кавадарци, сепак од тоа ништо. Глетката во арената беше жална, па ова куп полуфинале се одигра пред без малку празни трибини.
Што се однесува до натпреварот. Пелистерци ја потврдија фаворитската улога и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да има предност. Најголемата предност која ја имаше шампионот во првото полувреме изнесуваше три голови во неколку наврати. Така беше и на истекот на 30-тата минута (16-13).
Со двата врзани гола на стартот на вториот дел Пелистер ги имаше најголемите +5 (18-13). Но, кавадарчани не се предадоа и успеаја да стигнат до израмнување 20-20, па дури препуштија напад и за водство, Тоа како да го разбуди шампионот, па Пелистер повторно ја презеде контролата на играта и резултатот. Немаа сили ракометарите на Тиквеш за нов „кам-бек“ па Пелистер славеше со 33-29.
Богдан Радивојевиќ со 10 гола беше прв стрелец во победничката екипа, за која Филип Кузмановски постигна пет. На спротивната страна, Страхиња Симиќ и Срџан Мијатовиќ постигнаа по пет гола за Тиквеш.
Еурофарм Пелистер в недела ќе игра ново финале, а кој ќе биде противникот ќе дознае утре. Во вториот полуфинален меч (19 часот) ќе играат бранителот на трофејот Вардар и актуелниот вицепрвак Алкалоид.
Претходно, (17 часот) на програмата е второто женско полуфинале. Победникот од дуелот меѓу Вардар и Чаир ќе го даде противникот на Ѓорче Петров во финалето. „Лавиците“ во полуфиналната рунда го совладаа бранителот на Купот од лани, тимот на Куманово.