„Сапунската серија“ наречена „термини за Куп ракометните натпревари“ продолжува. Шампионот Еурофарм Пелистер има „најнови“ барања за одигрување на натпреварите.
Утринава од Вардар предложија промена на термините, како би му се „удоволило“ на шампионот. Алкалоид, но и РФМ го прифатија таквиот предлог, па ги применија деновите на одигрување на натпреварите. Сепак, сагата да продолжи, пелистерци сега излегуваат со ново барање (предлог).
Соопштението на РК Еурофарм Пелистер во го пренесуваме интегрално:
Почитувани љубители на ракометот и спортот
Со големо внимание ги прочитавме денешните соопштенија на РК Вардар 1961 и РК Алкалоид (се појавија во медиумите во временска разлика од 2 минути), и надоврзано на тоа Известувањето за медиумите од РФМ. Во насока на овие соопштенија и известување до медиумите би сакале да го изнесеме нашиот став.
Најпрво сакаме да ја искажеме голема благодарност на спортските колективи РК Вардар 1961 и РК Алкалоид што поаѓајќи од спортски побуди и начелото на фер плеј, согледувајќи ја незаконската и штетна одлука за спортот донесена од страна на РФМ, одлучија да помогнат во надминување на непријатната ситуација во која се најдовме сите ние. Посебно сме благодарни на РК Вардар 1961 кои претходно со ништо не придонесоа сите ние да се најдеме во ваква ситуација (ние во нашите соопштенија внимателно кога споменувавме спортски колективи користевме еднина).
Во однос на Известувањето до медиумите од страна на РФМ (за кое претходно не бевме информирани, уште помалку прашани за согласност) истото го прифаќеме само како барање на алиби и начин да се излезе од ситуацијата а без притоа да се признае дека е направена груба грешка и донесена е погрешна одлука. Според нас тоа не е начин на исправно делување. Ние милост не побаравме од никого. Ние побаравме нашата “борба” да се разбере исклучиво како “борба” за правда и почитување на законските одредби. Следствено на тоа за нас во овој момент тотално е неприфатливо нашата екипа усилено и однапред смислено да стане “повластена”.
Според нас, во овој момент можни се две решенија:
1. Да се почитува првичниот извлечен распоред.
2. И двете полуфинални средби да се играат во четврток 16.5.2024 или петок 17.5.2024. Што се однесува до термините за одигрување ние сме согласни доколку има потреба (за да го испочитуваме и терминот за женските полуфинални натпревари) и во двата предложени датуми да играме од 14 часот. Само во ваков случај ќе биде испочитуван Правилникот донесен од страна на РФМ и ќе се почитува начелото на фер плеј и рамноправност.Се разбира дека очекуваме од страна на РФМ да слушнеме јавно извинување за ненамерно направената грешка и за својата одлука прво да бидат известени клубовите. Доколку има јавно извинување од страна на РФМ за направената грешка истото од наша страна ќе биде целосно прифатено како ненамерно и јавно ќе дадеме согласност воопшто да нема никаква промена во направениот распоред после несреќно донесената одлука од страна на РФМ.
Почитувани, време е за врвен ракомет кој ќе биде на големо задоволство на сите љубители на овој спорт, време е да се се најдат сили да се надмине ситуацијата која настана заради донесување на непромислена и избрзана одлука штетна за спортот.