Нов голем успех остварија братот и сестрата пингпонгари Андреј (15 години) и Сара Стојановски (19 години). Откако лани беа шампиони во мешани двојки, годинава учествуваа на финалните мечеви во поединечна конкуренција на државното првенство за играчи до 19 години.
Андреј оваа година успеа да стигне до титулата државен првак. Тој го доби финалето по голема борба и пресврт од 0:2 стигна до победа од 3:2. Во финалето играше против Александар Јакимовски од Крива Паланка. Добриот почеток и водството од 9:6 во првиот сет не значеше водство бидејќи Јакимовски го освои првиот сет со 11:9. Во следниот сет беше 11:5 за Јакимовски што беше најава и за брз крај на финалниот меч. Но, Андреј не мислеше така и го доби следните два сет со 11:7 и 11:5 и успеа да изедначи на 2:2. Во решавачкиот сет повторно Андреј поведе со 9:2, но следуваше серија од пет поени за Јакимовски 9:7. Тогаш неговата сестра и тренерот побараа тајмаут. По него, Андреј се смири и ги доби двата поена за конечна победа и шампионска титула.
Воедно Андреј и во конкуренција на двојки играше финале заедно со Андреј Васевски од Куманово, кое го загуби.
Сара одигра одлично првенство. Сепак, во финишот во сингл беше запрена од Моника Стајковска и загуби со 3:0 во сетови и не успеа да го добие финалниот меч. Сара освои и бронза во конкуренција на двојки каде играше со Софија Хасану.