Екипите на Тиквеш и на Еурофарм Пелистер обезбедија пласман во полуфиналето од Купот на Македонија откако денеска постигнаа по две победи во рамките на групите.
Во „финалето“ во Кавадарци Тиквеш пред своите навивачи го победи Мулти Есенс со 32:28 (16:14). Најефикасни во редовите на кавадарчани беа Мирко Мајич, Мартин Манасков и Никола Стефановиќ по 5 голови, а најефикасен на дуелот беше Михајло Костовски со 7 голови.
На дуелите во групата во Охрид „финалето“ го играа двете првопласирани екипи од плејоф лигата Охрид како домаќин и шампионот Еурофарм Пелистер. Гостите од Битола ја потврдија фаворитската улога и славеа победа со 32:25, а најефикасен беше Филип Кузмановски со 8 голови.
Последните две екипи во полуфиналето ќе бидат победниците од утрешните дуели: Алкалоид – Бутел и Вардар – Голден Арт.
Завршниот турнир Ф4 ќе се игра од 17-19.мај.