Македонскиот шампион Ѓорче Петров дури во 16-тиот натпревар сезонава во Супер лигата, не успеа да победи. Ѓорчепетровки не ни загубија, одиграа нерешено со Металург Автокоманда.
Сепак, од таборот на „Лавиците“ сметаа дека израмнувачкиот гол на противникот бил не регуларен.
Вината за тоа што не ја остварија шеснаесеттата победа, од тимот на Ѓорче петров ја бараат кај судиската двојка Седлоски и Ангелески од Прилеп.
Реакцијата на Ѓорчепетровци ви ја пренесуваме интегрално
„Наместо екипите, натпревар на кој ГЛАВНИ СЕ СУДИИТЕ. Со еден потег решија се!
Правилата се јасни како се изведува од центар после постигнат гол.
Противничкото крило Гугуљанова во моментов на изведување од центар е веќе 3 метри во противничката половина со што се здобива со голема предност во однос на противникот. И наместо судиите да ги вратат ракометарките како во многу други случаи кога треба да се изведе од центар, тие дозволуваат токму таа да постигне гол, кој е после истекот на регуларното време!
А гледање видео снимка – ВАР, малку на компјутер, а повеќе на мобилен и тоа повеќе од четири минути, консултации по телефон на делегатот и гледање на телефон со висење над глава е крајно БЕЗОБРАЗНО.
Ако беа сигурни во одлуката зошто воопшто гледаа видео снимка. Делегатот кажа дека времето е изминато, ама судиите бараа начин да го докажат спротивното. Тие одговараат за времето, иако делегатот истото го мери и рачно, освен семафорот.
Видеото покажува многу. Можете самите да процените какви беа намерите на судиите“.