Избраниците на Унаи Емери на гостински терен го совладаа Лутон со 3:2. Победоносниот погодок во 89-тата минута го постигна Лука Дињ.
Астон Вила одигра одлично прво полувреме и на паузата замина со водство од 2:0. Стрелец на двата погодоци за гостите беше Оли Воткинс во 24-тата и 38-та минута.
Тој го постигна својот 15-ти и 16-ти погодок оваа сезона со што му се доближи на Ерлинг Халанд на само еден гол на листата за најдобар стрелец во Премиер лигата.
Се изгледаше „решено“ по одличното прво полувреме на Вила, но во вториот дел Лутон се врати во натпреварот. Имено, Тахит Чонг во 66-тата минута намали на 1:2, а само 6 минути подоцна Kарлтон Морис изедначи на 2:2 и им ја врати надежта на домаќините.
Но, Астон Вила им ја згасна надежта на Лутон во самиот финиш на натпреварот (89-тата минута) кога Лука Дињ, на асистенција на Муса Диаби, погоди за 3:2 и победа на гостинот.
Со оваа победа, Вила се наоѓа на четвртата позиција со 55 освоени бодови, само 3 помалку од третопласираниот Арсенал кој има натпревар помалку како и Сити кој е втор со 59 бодови.