Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре во Полска ќе го играат деветиот натпревар во Лигата на шампионите.
Македонскиот првак за противник ќе го има тимот на Киелце.
Пелистерци пред своите симпатизери во првиот дуел беа поразени од Киелце со три гола разлика, иако одиграа одлично второ полувреме.
„Пофалните зборови од Талант Душебаев ни даваат до знаење дека треба уште повеќе да „нагазиш“ и да се покажеш во уште подобро светло и на гостински терен.
Доаѓањето на Филип Кузмановски ни даде елан за повеќе да веруваме. Македонските ракометари треба да преземат повеќе одговорност.
Имаме Македонци кои знаат да играат во Лигата на шампионите и потпомогнати од интернационалните засилувања, време е да одиграме квалитетни шеесет минути и зошто да не се радуваше“,
изјави Жарко Пешевски.
Искусниот пикер очекува и промени во составот на противникот, кој сигурно ќе стори се да ги освои бодовите.
„Киелце ќе излезе во поинаков состав во споредба со натпреварот во Битола. Тука не играа Алекс Душебаев и Сичко, верувам дека сега ќе играат. Спремаме агресивна одбрана за нив, а во напад треба да бидеме трпеливи и се надевам дека ќе бидеме изненадување.
Играта „седум на шест“ секогаш ни е опција. Имаме позитива која нè краси во последниот еден месец и на добар пат сме за позитивни резултати“, заклучи Пешевски.
Натпреварот ќе се игра утре во вечерниот термин од 20.45 часот.