Македонскиот тенисер Калин Ивановски загуби во 1.коло на Челинџер 100 турнирот во Јакаичи, Јапонија.

Поуспешен од него беше Италијанецот Џовани Фонио со 2-1 во сетови во меч што траеше 2 часа и 39 минути игра. Турнирот се игра за награден фонд од 130.000 долари.

Првиот сет му припадна на македонскиот тенисер со 6:4 во гемови, кој го имаше и првиот брејк во мечот во седмиот гем за водство од 4:3.

Во вториот сет повторно Ивановски поведе со брејк во третиот гем со 2:1, а потоа 3:1. Но, противникот успеа со серија од четири гема да дојде до предност од 5:3. Ивановски направи нов брејк и сетот беше решаван во тај-брејк. Во него Италијанецот се радуваше со 7:5.

Во решавачкиот сет повторно голема борба и без брејк до 10.гем и резултат од 5:5. Фонио успеа да поведе со 6:5 по одземениот гем на Ивановски. Но, македонскиот тенисер ја врати неизвесноста со ри-брејк и се избори за нов тај-брејк. Повторно играта на поени беше клучна и му припадна на Италијанецот со 7:5.