Женскиот ракометен шампион на Македонија ЖРК Ѓорче Петров вечерва од 20 часот го игра реваншот од 3.коло од Европскиот куп. Противник им е Ејупен од Белгија. На првиот дуел минатиот викенд во Белгија македонскиот првак постигна победа од 45:39. Од таа причина македонската екипа ја има улогата на фаворит и во реванш дуелот.
– Одиграме квалитетен натпревар во Белгија, но не сум во целост задоволен. Тоа не е нашиот стил на игра. Беше натпревар со многу голови, што на крајот испадна во наша полза. Обврска е сега да постигне и победа на домашниот натпревар и на тој начин со два триумфа да се пласираме во осминафиналето каде игравме и минатата година. Во зависност од ждрепката ќе правиме планови за јануари следната година. Но, и ланското учество во осминафиналето од ова натпреварување е обврска за победа на денешниот натпревар. Ова е презентација на македонскиот женски ракомет бидејќи овој состав е само од македонски ракометарки, изјави тренерот на македонскиот првак Симе Симовски.
Натпреварот меѓу ЖРК Ѓорче Петров и Ејупен се игра во салата во Автокоманда. Со пласман во следната рунда македонскиот првак ќе биде меѓу 16-те екипи во Европскиот куп (трето по ранг натпреварување на ЕХФ).