Катастрофалната здравствена состојба во редовите на РК Вардар, е причината поради која клубот бара одложување на „Супер дербито“ со Еурофарм Пелистер.
Имено, од таборот на вардарци ја известиле РФМ, за здравствената состојбата во кој се најголемиот дел од ракометарите. Од натпреварувачката комисија е побарано, дуелот со битолчани да биде одложен.
„Би сакале да Ве известиме дека во моментов, заклучно со денешниот последен тренинг на екипата, имаме 15-тина играчи и членови на Стручен штаб кои се зафатени од тешка вироза и не се во можност ниту да тренираат, ниту да играат натпревар.
Поради ова, би сакале да најдеме заедничко решение за оваа состојба која го зафати клубот, а се во интерес на регуларноста на Првенството, фер-плејот и спортското џентлменство. За поткрепа на се ова што го говориме во текот на утрешниот ден, ќе испратиме и медицински извештаи со кои што се потврдува горенаведеното.
Во овој момент, би сакале да побараме Официјално одложување на натпреварот од 8-коло Супер-лига мажи, помеѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, се до пронаоѓање на следен датум којшто ќе одговара на двете екипи“
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар е закажан за во недела од 18 часот во Битола, но дали и кога ќе се одигра останува да се види.
Потсетување дека слично пролонгирање имаше и првото „Супер дерби“. Вардар и Еурофарм Пелистер војот натпревар од 1.коло не го одиграа како останатите екипи, туку подоцна.
Тогаш причина беа обврските на пелистерец во Лигата на шампионите.