Екипата на Тотенхем е новиот лидер во Премиер лигата откако во првиот дуел од осмото коло како гостин го совлада Лутон со 1:0. Триумфот има посебна „тежина“ бидејќи „петлите“ целото второ полувреме кога и го постигнаа голот играа со играч помалку. Во финишот на првиот дел поради втор жолт картон беше исклучен Ив Бисума.
Победничкиот гол Тотенхем го постигна во 52.та минута преку Мики Ван де Вен, на асистенција на Џејмс Медисон. Домашниот тим во продолжението се обидуваше да дојде до изедначување, но освен неколку корнери немаа сериозна закана за противничкиот голман.
Тотенхем со деншениот триумф изби на чело на табелата со 20 бода, два повеќе од Манчестер Сити и три од Арсенал. Токму овие два тима утре го играат и дербито на колото.