Шпанецот Хорхе Мартин од Прамак Дукати победи на првата спринт трка на патеката „Буда“ во Индија.

Мартин славеше пред шампионот Франческо Бањаја и повратникот на подиумот по подолго време Марк Маркез од Репсол Хонда.

Така Шпанецот уште еднаш покажа дека е крал на спринт трките во најсилната класа и на тој начин ја намали предноста на Бањаја на само 33 поени во пласманот на возачите.

Во Индија стигна до четвртата спринт победа оваа сезона. Тој го искористи инцидентот меѓу возачите на ВР46, во првиот свиок влезе како прв и водството го задржа до крајот на трката.

Четвртото место му припадна на Бред Биндер од КТМ, а освојувачот на пол позицијата Марко Безеки го освои петтото место.

Бодови освоија и Фабио Квартараро (Јамаха), Џек Милер (КТМ), Маведрик Виљалес (Априлија) и Раул Фернандез (Крипто Дата).

Историската прва Мото ГП трка за ГН на Индија на патеката Буда стартува утре од 12 часот.