Македонски шампион Еурофарм Пелистер, дури во петтиот свој натпревар сезонава се израдуваа на првата победа.

Откако пелистерци два пати беа совладани од Вардар во Супер куп и првенство, а претрпеа и два порази во Лигата на Шампионите од Колстад и Алборг, конечно славеа триумф.

Во натпревар од 2. коло на „Б” групата во Супер лигата одигран во Битола, Пелистер очекувано го совлада младиот состав на Мулти Есенс со 18 разлика.

Фаворитската улога зелено-белите ја потврдија уште на самиот почеток кога поведоа со 7-1, за на полувремето да заминат со 9 гола разлика (20-11).

Вториот дел беше само чиста формалност, па Пелистер на крајот славеше со конечни 40-22 .

Најефикасен во победничката екипа беше Ненад Костески со 9 додека Денис Васиљев постигна 6 гола.

По овој меч, веќе утре Еурофарм Пелистер ќе игра нов натпревари и тоа во Скопје против Голден Арт.

Долгиот и напорен распоред ќе биде дополнет во среда со дуелот во Лигата на шампионите кога во Битола ќе гостувa германскиот гигант Кил.