Ракометарите на Вардар и во вториот натпревар сезонава против првакот Еуфарм Пелистер се радуваа на победа.
Во дуелот од првото коло од Б групата во СЦ „Јане Сандански“ Вардар славеше победа со 30:25 (15:12).
„Црвено-црните„ фуриозно го почнаа натпреварот и по водството од 6:1 и 8:3, клупата на битолчани предводена од Александар Јовиќ беше принуден на самиот почеток да бара тајм аут.
„Разиграниот“ Вардар малку подзастана, па Е.Пелистер намали на 12:10, а на полувреме беше 15:12 за Вардар, со тоа што голманот на Вардар Мартин Томовски имаше седум одбрани (три седмерци).
Почетокот на вториот дел донесе повторно +5 за Вардар 17:12, а во 36.та минута беа и највисоките +6 (19:13).
Во следните десетина минути ракометарите на шампионот ги „средија“ редовите и намалија на два негатива (22:20). Гол за гол се играше до 25:23, кога „вардарци“ повторно се одлепија на 28:23 со серија од три гола и со тоа ја најавија новата победа над големиот ривал.
Мартин Томовски со 13 одбрани беше најдобар на теренот (4 седмерци).
Најефикасни кај Вардар беа: Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ по 6 голови, а кај Е.Пелистер Урош Борзаш постигна 6 голови.
Потфрлија голманите на гостинскиот тим, кои заедно имаа 8 одбрани (Урбан Лесјак 5, Калифа Гедбане 2, Марко Кизиќ 1).