Хрватскиот клуб Хајдук и официјално го претстави македонскиот репрезентативец Александар Трајковски како ново засилување за сплитските бели.

Трајковски и Хајдук се договориле на две сезони, се до летото 2025 година, со опција за продолжување на уште една година.

31-годипниот Трајковски во Сплит пристигнува како слободен играч, откако му истече договорот со последниот клуб Ал-Фајх од Саудиска Арабија.

„Александар Трајковски е профил на играч кој конкретно го баравме на пазарот. По договорот со нас, тој доби уште неколку понуди, финансиски подобри за него, но тој го покажа својот карактер и реши да премине во Хајдук.

Тој е сестран офанзивен играч чии основни позиции се превртено лево крило и централен напаѓач. Со оглед на тоа што играчот беше слободен во изминатиот период ќе му треба пократко време да се адаптира и да постигне оптимална форма.

Со неговиот ангажман му даваме можност на нашиот тренер да го прошири списокот на играчи во офанзивниот дел на тимот“,

истакна спортскиот директор на Хајдук, Миндаугас Николичиус.

Своите први впечатоци ги изнесе и искусниот македонски напаѓач.

„Одлично е чувството да се дојде во Хајдук, се помина добро и едвај чекам да се приклучам на тимот и да започнам со тренинзи.

Го познавам хрватското првенство, играв овде пред 13 години, сега се вратив и среќен сум што повторно ќе играм во голем клуб.

Имав доволно искуство, поминав неколку силни лиги, многу настапи за репрезентацијата и се надевам дека ќе придонесам за Хајдук и целите кои клубот ги има зацртано.

Го познавам Хајдук, имаме навистина добар тим, сите знаат што значи овој клуб и навистина сум среќен што сум дел од овие приказни“,

изјави Трајковски.

Утре Хајдук и гостува на Горица во натпревар од 8.коло, но Трајковски повеќе од сигурно ќе го прескокне овој меч.

На крајот на месецот (30 септември) на „Пољуд“ ќе се игра големото дерби Хајдук – Динамо Загреб. Најверојатно тогаш ќе ги видиме на дело Трајковски од една и Адеми и Ристовски на другата страна.