Македонскиот тенисер Калин Ивановски го загуби мечот од првото коло на Челинџер турнирот Рафаел Надал Опен што се игра во Мајорка, Шпанија.
Подобар од Ивановски беше искусниот Португалец Жоао Соуса (34.години, 259 место АТП) со 2-0 во сетови (6:4 и 7:6).
Португалецот во текот на мечот кој траеше безмалку два часа, ја чекаше секоја грешка на Ивановски и најчесто таквата игра му носеше резултат.
Инаку мечот почна по 22 часот по локално време, а заврши неколку минути по полноќ.
Во првиот сет Ивановски го загуби гемот на свој сервис во петтиот гем, па така Соуса поведе со 3:2, а потоа со 4:2.
Нашиот тенисер во осмиот гем не реализраше две брејк топки. Во следниот, Ивановски спаси една сет топка, а потоа и не реализраше брејк шанса и сетот заврши со 6:4.
Во вториот сет до 3:3 беше нерешено без брејк.
Соуса направи брејк во седмиот гем, а Ивановски го врати во осмиот гем и изедначи на 4:4.
Така беше до крајот на сетот, па одлуката падна во тај-брекот. По првите шест поени беше 5:1 за Соуса, а Ивановски намали на 6:4, но не успеа целосно да направи пресврт.