Саша Илиќ, поранешниот репрезентативен голман на македонската А селекција е нов член во стручниот штаб на најдобриот национален состав.
Поранешниот голман на Вардар и интернационалец ќе биде вклучен во стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски како тренер на голманите во А репрезентацијата на Македонија.
Илиќ до лани беше дел од стручниот штаб на Вардар, а последниот клупски ангажман го имаше во кинески Шенжен.
„Благодарност за укажаната доверба. Имам мотив и доволно искуство преку работа во репрезентацијата да придонесам за напредок на тимот. Целосно ги разбирам предизвиците со кои се соочуваме во овие чувствителни моменти и подготвен сум да помогнам. Ги познавам голманите во тимот, имаме квалитет, а наша заедничка цел е да бидат подобри и постојани во настапите“, Саша Илиќ.
Истовремено, селекторот Благоја Милевски му се заблагодари на Никола Глигоров за неговиот придонес во стручниот штаб на А репрезентацијата. Поранешниот репрезентативец и капитен на Вардар во националниот состав беше вклучен како асистент задолжен пред сѐ за видео анализа на натпреварите.
„Улогата на асистент во стручниот штаб ја извршував со многу гордост, амбиција и оптимизам. Впрочем, како што тоа го правев и во годините кога настапував и како фудбалер. Му благодарам на селекторот Милевски за довербата. На сите во тимот им посакувам многу среќа и успех. Од мене секогаш ќе имаат максимална поддршка за да ги постигнат резултатите кои сите ги посакуваме“, изјави Никола Глигоров.
Македонската селекција ја чека дуелот со Италија во Скопје на 9 септември.