Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер заврши како 6-то пласиран на меѓународниот ракометен турнир во Добој.
Пелистерци попладнево во натпревар за петтото место се совладани од Загреб со 26-24. Хрватскиот првак ќе биде и противник на Еурофарм Пелистер во групната фаза на Лигата на шампионите.
Битолчани од Добој се враќаат со една победа над домаќинот Слога и порази од Ал-Ахли, Монпелје и денеска Загреб.
Избраниците на Александар Јовиќ, нема да имаат многу одмор, бидејќи веќе следната седмица ги очекуваат нови контролни натпревари.
За пет дена (28 август) следува настапот на охридскиот турнир „Крсте Андоновски“, на кој македонскиот првак ќе игра во „Б“ групата против Металопластика, Татран Прешов и Бутел Скопје.