Македонските ракометни екипи се подготвуваат за новата сезона. Како дел од тие подготовки се и настапите на силните меѓународни турнири во Струга и Добој.

На Струшкиот турнир, денеска втор ден натпревари. Вчера Вардар и Алкалоид стартуваа со победи во првите средби од своите групи.

Во вардаровата „Б“ група денеска за прв пат ќе го видиме шведскиот претставник тимот Гуиф кој во вечерниот термин (20.30 ч.) ќе игра против домаќинот Струга.

Претходно (18.30 часот), ќе се одигра натпреварот од „А“ групата меѓу грчки АЕК и српскиот Динамо Добој.

На турнирот во Добој, на кој е далеку посилна конкуренцијата, настапува македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.

Откако битолчани беа убедливо поразени од египетскиот Ал Ахли, а потоа го совладаа домаќинот Слога, сега се пред францускиот предизвик. Битолските „фармацевти“ вечерва ќе играат против тимот на Монпелје кој вчера одигра нерешено со Ал Ахли.

Имајќи в предвид дека египетскиот тим важи за апсолутен фаворит против Слога, дуелот Еурофарм Пелистер – Монпелје ќе решава за 2.место во групата. Подобриот од овој меч би бил второ рангиран, а со тоа би играл за 3.место во конечниот поредок.

Натпреварот меѓу Е. Пелистер и Монпелје ќе се игра во терминот од 19.10 часот.