Нова турнирска победа во конкуренција на двојки за македонската тенисерка Лина Ѓорческа. Таа заедно со Алена Фомина-Клоц од Русија триумфираа на фјучрс турнирот што се играше во германскиот град Хешинген.

Тие во финалето ја совладаа грузиско-германската комбинација Екатерине Горгазде и Катарина Хобгарски со 2-0 во сетови (6:2 и 6:4) за 64 минути игра.

Ѓорческа и Фомина-Клоц беа рангирани како трети носителки на турнирот. Финалниот меч се играше на затворено бидејќи дождот им создавеше проблеми на организаторите.

Во првиот сет на самиот почеток Ѓорческа и Фомина-Клоц направија брејк за водство од 1:0. И во седмиот гем го направија и вториот брејк во сетот кои го завршија со 6:2 во гемови. Почетокот на вториот сет им припадна на Лина и Алена. Поведоа со 3:0 со два брејка, но противничките ги вратија двата брејка до осмиот гем кога изедначија на 4:4. Сепак и во следниот гем имаше брејк за Ѓорческа и Фомина-Клоц кои поведоа со 5:4, а потоа на свој сервис го завршија сетот со 6:4.

Ова за Ѓорческа беше 72.ро финале во конкуренција на двојки, а ја освои 47.та титула или втора во 2023 година.

Следната недела македонската тенисерка ќе настапува на фјучрсот во Осиек, што се игра за награден фонд од 25.000 долари и ќе биде прва носителка.