Традиционално на големиот македонски празник Илинден, во Охрид се одржува „малиот“ маратон.
Победникот на годинашното издание на „Илинденскиот куп“ беше решен во фото-финиш.
Искуството пресуди. Евгениј Поп Ацев за само 17.стотинки прв стигна до целта, пред талентираниот Никола Ѓуретановиќ.
Делницата од 2,5 километри од хотелот Горица до Охрид, Поп Ацев ја исплива во време 29:02:71 минути, додека неговиот клупски колега од Вардар, Ѓуретановиќ оствари време 29:02:98. Третото место во машка конкуренција го освои Кристијан Стојановски со време 29:23:46.
Во женска конкуренција, доминација на пливачките на клубот Скопје. Победни Ивана Неделковска со време 31:33:80 минути, пред клупските другарки Јована Неделковска (33:07:11) и Росана Гошева (37:59:32).
Скопските клубови доминираа и во помладата конкуренцијата на пливачи (од 2008 година и помлади).
Во машка конкуренција првите три места ги освоија вардарците:
1.Петар Цеков – Вардар 2018 Скопје 29:40:65м.
2.Никола Велковски Вардар 2018 Скопје 33:20:14м.
3.Давид Неделкоски Вардар 2018 Скопје 34:17:76
Во женска конкуренција најбрза беше Сара Јанковиќ од ПК Скопје (32:42:39), пред Емилија Велкова од Нептун Скопје (35:30:71) и Неда Миленкоска од Младост (35:44:93).
Инаку овие трки се дел од календарот на Пливачката федерација на Македонија во далечинско пливање. Организатор беше клубот „Охридски бранови 2008“.