Македонскиот (МОК) и Европскиот олимписки комитет (ЕОК) потпишаа меморандум со кој Македонија, во 2025 година ќе биде организатор на Европскиот Олимписки Младински Фестивал Скопје 2025.
Во Марибор, претседателот и генералниот секретар на МОК, Даниел Димевски и Сашо Поповски од една страна и претседателот на ЕОК, Спирос Капралос го потпишаа меморандумот за организација на Олимпискиот младински фестивал.
Договорот содржи делови кои се однесуваат на основните принцип на организација на игрите.
Сместување, организација на различни функционални области, спортска инфраструктура, утврдување на листа на спортови на игрите, церемонии, финансиски, маркетинг и комерцијални прашања, ПР и медиуми и други ставки поврзани со успешната организација на игрите, кои ќе се одржат во периодот од 20 до 26 јули 2025 година.
Даниел Димевски претседател на МОК по овој повод изјави:
„Ние сме подготвени! Подготвени сме да го прифатиме предизвикот да бидеме домаќини на летното издание на Европскиот младински олимписки фестивал во 2025 година и да организираме незаборавен европски мултиспортски настан за млади спортисти. Привилегирани сме што ја имаме оваа неверојатна можност и извонредна обврска да бидеме домаќини на најдобрите млади европски спортисти благодарение на довербата на Европските олимписки комитети. Од организациски аспект ни претстои многу работа, но имајќи предвид дека зад нас ги имаме Европските олимписки комитети, но и Владата на Северна Македонија и градоначалникот на Град Скопје кој со големо задоволство ја примија оваа прекрасна вест, можеме само кажете дека сме подготвени да дадеме неверојатни игри во Скопје 2025“.