Лина Ѓорческа (5.носителка) по голема борба со 2-1 во сетови (2:6 7:6(3) и 6:2) ја совлада Надине Тина Смит од Австралија (21 год. 500 место ВТА). Ова беше меч од 2.коло, а во следната рунда ќе игра против домашната тенисерка Тереза Валентова (16 год.).

Денешниот меч не почна најдобро за нашата тенисерка. Беше во негатива на стартот откако противничката направи брејк и имаше водство од 4:1 во гемови. До крајот на сетот Смит имаше контрола и сетот го доби со 6:2 во гемови.

Голема борба имаше во вториот сет, кој беше решен во тај-брекот во корист на македонската тенисерка.

Во завршницата на сетот ниту една тенисерка немаше предност (4:4). Во следниот гем Ѓорческа направи брејк за водство од 5:4. Сепак Смит го врати брејкот и изедачи на 5:5, а потоа и поведе со 6:5. Сепак Лина изедначи на 6:6 и се избори за тај-брејк. Во „13.та игра“ Смит поведе со 3:2 во поени, но Лина Ѓорческа имаше серија од пет поени за освојување на сетот односно 7:3 во тај брекот – 1:1.

Психолошката предност беше на страната на македонската тенисерка во решавачкиот сет која поведе со 3:0, а потоа и со 5:1 во гемови што беше само најава на победата.