Македонското едрење, по пауза од 12 години, повторно се враќа на европската и светската едриличарска сцена.

Македонската едриличарска репрезентација составена од вкупно 12 едриличари ќе биде дел од Европското првенство за класата Оптимист кое ќе се одржува од денеска па до 21. јули во Солун, Грција, како и Светското првенство за класата Ласер – Илка 4, кое од 23. до 31. јули ќе се одржува во Волос, Грција.

На Европското првенство за класата Оптимист кое денеска стартува во Солун, Македонија ќе ја претставуваат седумте најдобри едриличари.

Според ранг-листата во последните три години, членови на „Акватика Јахтинг“ од Охрид, Мила Булатовиќ, Гала Булатовиќ и Павел Стоев, како и од ЕК „Снегар“ од Струга, Андреја Кавај, Андреа Чуркоска, Марко Милески и Стефан Баракоски, а предводени од тренерите Драган Челешоски и Елена Аслимовска.

Македонија последен пат на едно европско првенство во еден од најатрактивните олимписки спортови учествуваше во 2010 година во Словенија, за да сега по сериозен развоен континуитет во последниве години повторно се враќа меѓу најдобрите европски едриличари.

„По 12 години повторно се враќаме на меѓу најдобрите во светот. Претходно учествувавме во 2008 година на Светско првенство во Турција, 2009 година во Полска и во 2010 година последното Европско првенство кое беше во Словенија. Имавме некој застој потоа, за да сега со континуирана работа создадеме нова генерација квалитетни едриличари која ете не враќа назад на европската и светската сцена. Благодарение на Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, лично се заблагодарувам на Наумче Мојсоски и Огнен Стојаноски кои несебично ни помогнаа да може квалитетно да се подготвиме за овие два значајни настани“ – вели Драган Челешоски, член на натпреварувачката комисија при ЕФМ и тренер на ЕК „Снегар“.

На шампионатот во Солун ќе учествуваат дури 300 натпреварувачи од 47 земји.

На Светското првенство во Волос, пак, во класата Ласер-Илка 4, Македонија ќе ја претставуваат пет едриличари, Софија Ставрева, Илина Гаџовска и Евгенија Ставрева од „Акватика Јахтинг“ од Охрид, и Мерт Лушо и Матеј Кавај од „Снегар“ – Струга, во конкуренција на пријавени 450 натпреварувачи од целиот свет од кои 300 момчиња и 150 девојки.

Едриличарите и по ЕП и СП продолжуваат со натпревари од меѓународен карактер до крајот на оваа календарска година, на Интернационалните регати во во септември во Текирдак, Турција, и во октомври во Дубровник, Хрватска, а најава има и за настап на Европските купови во Србија и Унгарија.