Македонската тенисерка Лина Ѓорческа избори пласман во четвртфиналето на фјучрс турнирот во Рим, за награден фонд од 60.000 долари.

Таа денеска ја совлада Жибек Куламбајева од Казахстан со 2-1 во сетови (4-6, 6-2 и 6-3).  Двете тенисерки имаа проблеми со освојување гемови на свој сервис, па имаше дури 16 брејка (9 Ѓорческа и 7 Куламбајева).

Првиот сет почна добро за македонската тенисерка, која поведе со 2:0. Но, брзо ја изгуби предноста бидејќи противничката имаше серија од четири гема за водство од 4:2. Ѓорческа успеа да изедначи на 4:4, но противничката ги освои следните два гема и го доби сетот со 6:4.

И во вториот сет, резултатот беше 2:2 во гемови. Потоа следуваше серија од четири гема за Ѓорческа која го доби сетот со 6:2 и изедначи на 1:1.

Решавачкиот сет почна со водство на Куламбајева од 1:0 по брејкот. Но, македонската тенисерка не дозволи противничката да се „одлепи“ и по 3:3 направи серија од три гема и го доби сетот со 6:3 и со тоа и мечот со 2:1 во сетови.

Утре во четвртфиналето Ѓорческа ќе игра со победничката од мечот Далила Спитери (Италија) и Сеоне Мендез (Австралија).