Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер има нов спортски директор. Тоа е нашата ракометна легенда Бранислав Ангеловски.
Ангеловски кој до неодамна беше дел од проектот на Алкалоид, а со втората екипа на овој колектив Мулти Есенс се „прошета“ во Првата лига и избори настап во суперлигашкото друштво, на функцијата спортски директор кај пелистерци доаѓа на местото Димитар Митревски.
46-годишниот Ангеловски со Пелистер го освои шампионатот и Купот, а дел е од најголемите успеси и со македонската репрезентација. Во својата играчка кариера Ангеловски настапуваше и за Пролет, Вардар и Металург во македонската Суперлига, а во странство настапуваше за Загреб (Хрватска), Винтерур (Швајцарија), Тулуз (Франција), Ал-Аин (ОАЕ) и романската Констанца каде за прв пат ја извршуваше оваа функција.