Ребрендираната екипа на Академија Пандев, сега Брера Струмица денеска и официјално ги започна подготовките за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Она што СПОРТ+ го најави пред 15 дена, а Горан Пандев го потврди во својата изјава, денеска и официјално се случи. Струмичкиот тим подготовките ги започна под водство на Италијанецот, Џовани Валенти.
47 годишен тренер ќе има сонародници за помошници. Микеле Кавали кој во својата кариера има работено во Шахтјор, Сасуоло и Јувентус. Како тренер на голманите ќе биде Алесандро Пегорари кој работеше со младинските категории во Парма.
,, Ќе дадеме се од себе за да ја донесеме овде нашата идеја, нашата филозофија. Сакаме да се игра добар фудбал, добар стил на фудбал. Ние сме млад тим имаме доста млади играчи, но тоа ми се допаѓа и најважната работа во моментот е да им се помогне да пораснат да се подобрат и потоа да видиме што може да се направи за да ги вклучиме во првиот тим“, кажа Валенти во својата прва изјава во Струмица
Како што е познато пред почетокот на новата сезона беше ангажиран дефанзивецот Стефан Наумчевски. Од тимот најавуваа дека во наредните денови треба да пристигнат уште неколку нови засилувања. Идејата е годинава да се даде простор и можност на фудбалерите од сопствените погони.