Фудбалерот на Интер, Марсело Брозовиќ, кариерата ќе ја продолжи во Ал Наср од Саудиска Арабија, бидејќи двата клуба се договориле за висината на обештетувањето за хрватскиот репрезентативец, пренесуваат италијанските медиуми.

Ал Наср се согласи да му плати на Интер отштета од 23 милиони евра, а Брозовиќ ќе потпише тригодишен договор со клубот од Саудиска Арабија и ќе има плата од 20 милиони евра по сезона.
Хрватскиот фудбалер во Интер имаше годишна плата од 12 милиони евра.

Интер и Ал Наср најдоцна утре треба да објават дека договорот е постигнат и дека Брозовиќ ќе биде новото засилување на клубот од Саудиска Арабија.

Италијанските медиуми потсетуваат дека Брозовиќ имал понуда од Барселона, но менаџерите го убедиле хрватскиот фудбалер да се пресели во Ал Наср.

Брозовиќ (30) имаше договор со Интер до јуни 2026 година, а клубот од Милано пристигна во 2016 година. За Интер одигра 330 натпревари, со овој клуб освои пет трофеи, а минатата сезона во финалето на Лигата на шампионите беше поразен од Манчестер Сити (0:1).

Ал Наср испрати понуда и до Антоан Гризман од Атлетико Мадрид.