Кошаркарките на Србија и Германија обезбедија пласман во квалификациите за Олимписките игри во Париз. Ова откако попладнево двете репрезентации забележаа победи во натпреварите за пласман од 5-8 место на Европското првенство, чија завршница се игра во Љубљана.
Сеуште актуелните европски шампионки, Србинките беа подобри во „сестринското дерби“ со Црна Гора која ја совладаа со 63-58. Германките во неизвесен натпревар и по дополнителни пет минути игра славеа над Чешка со 71-69, откако регуларниот дел заврши 63-63.
Така Србинките и Германките кои кои утре ќе играат за петтото место си обезбедија можност преку квалификацискиот турнир да настапат на Олимпијадата во Париз следната година.
Инаку на Европскиот шампионат денеска на програмата се полуфиналните натпревари.
Во терминот од 17.45 часот Шпанија ќе игра против Унгарија, додека од 20.45 часот ќе играат Франција и Белгија.
Натпреварите за медал на програмата се утре.