Женската репрезентација на Македонија со финалниот дуел денеска против селекцијата на Ерменија ќе го заврши учеството во Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што се игра во Скопје. Противникот е релативно непозната репрезентација тенисерките со кои настапуваат во Скопје се без ранг, но тоа се тенисерки коии имаат барем по три учества за својата репрезентација во ова натпреварување.
Она што е забележливо е дека Ерменија во Скопје играше пет тенисрки, сите четири меча ги доби со резултат 2:1, ги совлада Црна Гора (1.коло), Сан Марино (2.коло), во 3.коло беше слободна, Кипар (4.коло) и Луксембург (5.коло). Нивниот селектор Гајане Мовсисјан одлично ги комбинираше тенисерките.
Со Црна Гора дуелот го добија со двете сингл победи исто како и со Сан Марино, за потоа да го загубат мечот во дубл. Во двете победи против Кипар и Луксембург се враќаа од негатива откако ќе го загубеа првиот меч, потоа во вториот сингл успеваа да изедначат и дублот им ја носеше победата.
Ирена Мурадјан (20 години) одигра четири сингл меча со скор (3-1 победи/порази), Марина Давтјан (22 г.) има скор 2-0, додека Арвиек Туманјан (25 г.) има биланс од 1-0 во сингл, а Наира Геворкиан 0-1.
Репрезентацијата на Ерменија е рангирана на 95-то место и финалето против Македонија ќе им биде 82 меч во ова натпреварување (36-45).
Ова ќе биде петти меѓусебен дуел меѓу Македонија и Ерменија, а на досегашните четири одиграни резултатот е 2:2. Сите мечеви се играни како дел од Третата зона на ова натпреварување.
Првиот дуел е одигран 2016 година во Црна Гора, Македонија победи со 2:1. Катарина Маринковиќ и дублот Маринковиќ, Магдалена Стоилковска ги донесоа двата поена, додека Стоилковска загуби во еден сингл. Следната година (2017) во Молдавија две сингл победи за Македонија на Викторија Веселинова и Нора Христовска, кои потоа го загубија дублот. Во 2018 година во Тунис загубивме од Ерменија со 3:0, за Македонија настапија Марија Еленова и Катарина Маринковиќ. Последниот меч го игравме 2021 година во Литванија. Јана Таневска загуби од Ирена Мурадјан, а Ива Данева беше поразена од Габриела Акопјан, македонскиот дубл Катарина Маринковиќ и Александра Симева победи.
Дуелот Македонија – Ерменија се игра на Централниот терен на ТК Југ, а почетокот е во 10 часот. Влезот е слободен.