Првата трансфер „бомба експлодира“ на Островот, иако нема изненадувања. Она што беше најавено на крајот на минатата година дури сега е официјализирано.
Челзи за францускиот напаѓач од Лајпциг, Кристофер Енкунку, платил нешто повеќе од 60.милиони евра, колку што впрочем и изнесуваше неговата откупна клаузула во договорот со германскиот клуб, само за да го обезбеди неговото пристигнување на Стемфорд Бриџ, каде треба да остане до лето 2029 година.
„Многу сум среќен што му се приклучувам на Челзи. Тие вложија многу напор да ме доведат во клубот и со нетрпение очекувам да се сретнам со новиот тренер и соиграчите и да им покажам на навивачите на Челзи што можам да направам на теренот. Откако играв во Лига 1 и Бундеслигата, сега сакам да играм во Премиер лигата, една од најсилните лиги во светот. Многу сум возбуден поради предизвикот и горд сум што го носам дресот на Челзи“, рече Енкунку на официјалното претставување.
Иако во претходната сезона имаше проблеми со повредите, поради што го пропушти Светското првенство во Катар, Енкунку ја заврши натпреварувачката година со 22 гола и осум асистенции на 35 натпревари во сите натпреварувања. И не само што ја заврши како најдобар стрелец на тимот, туку и како најефикасен играч во Бундес лигата.