Шпанија повторно ја доби полуфиналната пресметка со Италија во Лигата на Нации и се пласираше во второ финале по ред. Избраниците на Де ла Фуенте во финишот на натпреварот со голот на Хоселу го скршија италијанскиот отпор.Натпреварот тргна одлично за „фуријата“ која уште во третата минута преку Пино дојдоа до водство, по големата грешка на ветеранот Бонучи.
Сепак радоста на шпанците траеше кратко откако за само 10 минути Италија доби пенал. Заниоло одлично втрча по левата напаѓачка страна, во обид да нафрли го погоди Ле Норманд во рака и Славко Винчич покажа на 11 метри. Ударот од 11 метри мирно го реализираше Чиро Имобиле. Аѕурите во 21-та минута дојдоа и до целосоен пресврт преку Фратеси, но погодокот не важеше поради офсајд.
Шпанија имаше повеќе сили во финишот и напаѓаше а истото се исплатеше, затоа што во самиот финиш во 89- тата минута резервистот Хоселу дочека топка од карамбол и од 5 метри го совлада Донарума. Италијанците немаа сили за кам-бек и доживеаја елиминација во полуфиналето на ова натпреварување.
Шпанија во финалето ќе се соочи со Хрватска, додека Италија во дуелот за трето место ќе игра Холандија.