Шпанците последната титула ја освоија против Италија во финалето на Европското првенство во 2012-та година славејќи со 4:0, а вечерва повторно против Италија имаат можност да стигнат на чекор до трофејот од Лигата на нациите.
Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, изјави дека ќе се соочи со Италија во полуфиналето од Лигата на нации како да му е „последен натпревар“ на шпанското кормило.
„Размислуваме да стигнеме до финалето. Нема „друг ден“, гледам на тоа како да е мојот последен натпревар, не само сега, туку засекогаш. Единствениот начин да се соочите со нешто енергично, со желба и да дадете апсолутно сè, е да мислите дека тоа е последната шанса во вашиот живот. Но, јас отсекогаш сум го правел тоа, така е, како да е мојот последен натпревар. Ќе одиме до крај, не размислувам за тоа што следува. Тоа е историска можност да се освои трофеј во два меча, подготвени сме да се соочиме со игра на ова ниво.“ – вели шпанскиот тренер Де ла Фуенте.
Шпанскиот стратег вели дека има сличност во играта на Шпанија и Италија, и дека ова ќе биде натпревар како финале на Светско или Европско првенство.
„Имаме моќ да ја освоиме било која титула, Шпанија има многу добри играчи, но ние се соочуваме со противници на истата позиција. Италија е доста слична репрезентација со нас сега. Сè уште сме во процес на консолидирање на нашата идеја, имавме многу малку време да го направиме тоа. Ова може да биде финале на Европско или Светско првенство. Деталите ќе бидат одлучувачки, ќе бидеме на нивото што се бара од нас. Ние сме привилегирани што сме тука, мораме да го цениме трудот на целиот технички тим кој го постигна ова“, додаде Фуенте.
Второто полуфинале од Лигата на нации започнува вечерва со почеток од 20:45 часот.