Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер ја зголемува данската колонија за уште еден ракометар. Како што информираат од клубот, пикерот Андреас Јохан Нилсен е нов член на битолскиот клуб.
25-годишниот дански кружен напаѓач потпиша договор на една сезона, со опција за продолжување за уште една ако двете страни дадат согласност. Тој доаѓа во Македонија од данскиот прволигаш Морс, висок е 198 сантиметри, тежок 107 килограми и со своите настапи во земјата на светскиот првак во последните неколку години значително се наметна.
Пред да дојде во Морс, Нилсен го носеше дресот на Нордсјеланд, а има свои настапи и во младинските категории на данскиот национален тим.
„Особено задоволство ни е што покрај Кисум, нашиот дрес ќе го носи уште еден дански ракометар во сезоната 2023/24, не заборавајќи ги убавите денови кои во нашата земја ги минаа Себастијан Хенеберг и Ларс Валтер“, велат од таборот на Еурофарм Пелистер.
Официјалното претставување на Нилсен е предвидено по почетокот на подготовките во Битола.