Финалните натпревари од завршницата на Купот на Македонија во двете конкуренции се играат денеска во СРЦ „Билјанини извори“. Кај мажите ова ќе биде уште еден дуел на големите ривали Вардар (бранител на трофејот) и Е.Пелистер (најверојатно нов првак). Минатата сабота во Битола победа славеа домашните ракометари, додека на првиот дуел во Скопје победија „вардарци“.
Мотивот кај двете екипи за победа е голем особено што „црвено-црните“ посакуваат победа и одбрана на барем еден трофеј од ланската сезона, додека за битолчани ова е шанса по 2005 година да го освојат пехарот во Купот и со тоа повторно како и пред 18 години да се закитат со двојна круна.
Финалето кое почнува во 18 часот ќе го судат Исмаил Металари и Ненад Николовски.
Вардар е рекордер со 15 освоени куп трофеи (1997, 2000, 2001, 2003, 2004, 2007, 2008, 2012, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018, 2021, 2022), Металург има 6 пехари (2006, 2009, 2010, 2011, 2013, 2019), Пелистер – 5 (1995, 1996, 1998, 1999, 2005), Борец – 1 (1994), Шевро Куманово – 1 (1993) и Тутунски комбинат – 1 (2002).
Женското финале е воедно најава на ракометната програма, а во него ќе играат Вардар и Куманово. „Вардарки“ вчера во полуфиналето го совладаа шампионот ЖРК Ѓорче Петров, додека Куманово по откажувањето на ЖРК Металург (лански освојувач на Купот) ќе има шанса во последните пет години третпат да го освои Купот.
Финалето стартува во 15 часот и ќе го судат Виктор Андонов и Стојанче Јовановски.
Најмногу пехари во Купот на Македонија за жени има ЖРК Ѓорче Петров 16 (1993, 1995, 1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2006, 2007, 2008 и 2009), ЖРК Вардар има 6 (1994, 2014, 2015, 2016, 2017, 2017, 2018), ЖРК Металург – 5 (2010, 2011, 2012, 2013, 2022) и ЖРК КУманово – 2 (2019, 2021).
Куп натпреварите во 2020 година нема победници поради пандемијата.