Македонскиот тенисер Калин Ивановски со денешниот триумф на фјучрсот во Куршумлијска Бања се избори за настап во утрешното полуфинале каде за ривал ќе го има неговиот колега од игра на двојки на овој турнир Олександр Овчаренко од Украина. Ивановски претпладне во мечот од 1/4 финалето го совлада Хади Хабиб од Либан со 2-0 во сетови (7:6 (8:6) и 7:5) за 104 минути игра, додека Овчаренко мина многу повеќе време на теренот и по 183 минути го победи Цезар Крету од Романија со 2-1 во сетови (6:4; 5:7 и 7:5).
Македонскиот тенисер во првиот сет имаше водство од еден гем, но првиот брејк го направи ривалот, кој поведе со 4:3, но Ивановски веднаш направи „рибрејк“ и сетот се решаваше во тај-брек. Хабиб почна добро и водеше со 5:1 во поени, но Калин со серија од 7-1 стигна до решавачките поени за освојување на сетот. Во вториот сет Хабиб поведе со 1:0, но македонскиот тенисер брзо се врати со водство од 3:1. Неизвесност беше до моментот кога по водството на Хабиб од 5:4, Ивановски ги освои следнуте три гема што значеше освојување на сетот и мечот. Од последните 15 поени во мечот Ивановски освои 12.
Решавчки за победата беа искористените брејк можности Калин имаше 4/4, додека Хабиб 3/10.
Во конкуренција на двојки Ивановски и Овчаренко попладнево ќе играат против Марк Лајал од Естонија и Бенџамин Лок од Зимбабвме, а победникот од овој меч ќе игра во финалето.