Како и во изминатите две сезони така и годинава кошаркарките на баскет Кам и Бадел ќе се борат за шампионскиот трофеј во домашното, македонско првенство.
Овојпат улогата на „предизвикувач“ ја има тимот од Македонска Каменица, кој имаше и подолг период за одмор и подготовка за финалето, бидејќи „експресно“ во три натпревари ја доби полуфиналната серија со МЗТ Скопје.
„Имавме поголем број на слободни денови во однос на прoтивникот кој играше максимални пет мечеви во полуфиналето. И веројатно кај нив ќе се почувствува некој замор. Не се потпираме на тој момент, туку многу поголемо внимание ѝ посветуваме на нашата игра. Се обидoвме во овие денови кои се зад нас, да унапредиме некои сегменти во нашата игра кои треба да ги користиме во оваа финална серија. Се надевам дека и ќе ги реализираме. Го респектираме противникот, кој успеа да дојде до последното скалило во сезоната, да игра во ова финална серија во која сигурно и тие влегуваат со свои амбиции и очекувања. Но одиме чекор по чекор. Натпревар по натпревар. Размислуваме само за првиот, денешниот. Верувам во девојките, верувам дека ќе го дадат последниот атом од енергијата во обид да ја отвориме серијата со победа“
изјави Златко Гоцевски, тренерот на Баскет Кам.
Првиот финален натпревар се игра попладнево во Македонска Каменица со почеток од 16.30 часот