Македонскиот репрезентативен тандем Несторовски – Елмас, вечерва еден наспроти друг во дуелот од 33.коло на Серија А меѓу Удинезе и Наполи со почеток од 20:45 часот.
Ова е шанса за помладиот Елмас да ја прослави шампионската титула на гостински терен кај Нестороски.
По „киксот“ против Салернитана на домашен терен, „Наполитанците“ на гости во Удине ќе бараат бод за официјално да станат шампиони на италијанската Серија А.
На последните 13 гостувања во Удине, Наполи успеа да победи 12 пати, додека последен пат Удинезе славеше во 2016-та година под водство на Луиџи де Канио.
Исто така, доколку ремизираат или триумфираат вечерва, тие ќе влезат во друштвото на Јувентис (во сезоната 2018/19) и Интер (во сезоната 2006/07), како единствени 3 екипи во Серија А кои на пет кола пред крајот успеале да обезбедат титула.
Италијанскиот калчолигаш, Наполи, своето последно Скудето го освои во далечната 1990-та година и по 33 години има повторно шанса да го подигне трофејот.
Стадионот „Диего Армандо Марадона“ е распродаден до последното столче, па вечерва доколку избраниците на Лучано Спалети обезбедат барем бод, во Неапол ќе бидат пречекани од своите навивачи и заедно ќе ја прослават освоената титула.