Екипата на Бадел е вториот финалист во плеј-офот на женскиот кошаркарски шампионат на Македонија.
Ова е епилогот по вечерашната одиграна мајсторка во која актуелните шампионки славеа триумф над Струга со 56053 и со 3:2 во победи ја доби полуфиналната серија.
Како и на претходните два одиграни во скопска Кисела Вода така и овој натпревар донесе неизвесна и израмнета кошарка во која двата тима имаа свои добри и лоши периоди на игра. По израмнетата прва четвртина (19-19) во втората баделки беа оние кои одиграа подобро па на паузата заминаа со четири поени предност 36-32.
Гостинките беа подобар противник во третиот период, во кој не само што ја анулираа негативата, туку и поведоа со четири разлика 47-43. Во последниот, го контролираа резултатот се до две минути пред крајот, кога домаќинките со серијата поени на Американката, Матије го презедоа водството и до крајот не го испуштија па заслужено славеа триумф со конечни 56-53.
Токму Матије со 18 поени беше најефикасната во победничката екипа, за која Димитриевиќ постигна 15. Американката, Ли беше најефикасната кошаркарка на натпреварот, но нејзините 24 поени не беа доволни Струга да стигне до победата.
Така актуелните шампионки Бадел, се изборија за место во големото финале во кое за шампионскиот трофеј ќе се борат со кошаркарките на Баскет Кам кои оддамна си ја завршија полуфиналната обврска елиминирајќи го составот на МЗТ Скопје Аеродром со 3:0 во победи.
Финалната серија стартува во недела во 16:30 часот со натпреварот што ќе се игра во Македонска Каменица.