Со убедливи 5:1, Атлетико Мадрид триумфираше над Кадиз и го зазема второто место на табелата во шпанската Ла Лига, поминувајќи го Реал Мадрид.
Натпреварот го отвори Антоан Гризман уште во 2-та минута и му донесе водство на Атлетико Мадрид од 1:0. Истиот играч ја зголеми предноста на 2:0 (во 27-та минута), постигнувајќи го својот 13 погодок во Ла Лига, оваа сезона.
Потполната доминација на избраниците на Чоло Симеоне во првото полувреме можеше да биде уште поубедлива, но на паузата заминаа само со 2:0.
Второто полувреме продолжи со доминантната игра на „Јорганџиите“ и со головите на Алваро Мората во 49-та минута и на Јаник Караско во 57-та минута (од пенал) домаќините дојдоа до убедливи 4:0.
Кадиз успеа да намали на 4:1 преку Чочо Лозано во 72-та минута, но минута подоцна (73-та минута), Нахуел Молина ја врати предноста од 4 гола на Атлетико и го постави конечниот резултат 5:1.
Битката за второто место продолжува во следното коло, каде што Атлетико Мадрид му гостува на последнопласираниот Елче, додека Реал Мадрид на домашен терен го пречекува Хетафе.