Фудбалскиот клуб Вардар кој во изминатиот период е оставен во „немилост“, па подолго време црвено-црните се далеку од „Градски“ и постојано во потрага по терен каде може да играат и тренираат, конечно ќе се „вдомат“.
Имено. Како што објави на својот Фејсбук профил Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, остварил средба со претставници на навивачката група Комити, која од неодамна има акции во клубот. Муцунски ветил, дека Вардар ќе добие свој „дом“ терен во Аеродром каде ќе може да ги реализира своите активности.
На моја и иницијатива на претседателот на Советот на општината Дејан Митески , ФК Вардар ќе добие нов спортски терен во Аеродром каде ќе може да ги одржува подготовките, натпреварите и тренинзите.
ФК Вардар е име кои има долга традиција, гордост на Македонија и македонскиот спорт, а ние на ваков начин даваме силна и недвосмислена поддршка за клубот. Денеска, во мојот кабинет остварив средба со претставници на навивачката група Комити Скопје, која од неодамна е сопственик на клубот. На состанокот разговаравме за иницијатива поврзана со спортскиот терен лоциран во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“.
Oчекувам по завршување на соодветната законска постапка, овој спортски терен да биде ставен на располагање за потребите на навивачите и клубот. Да го поддржуваме македонскиот спорт и да се радуваме на нови успеси!“
Пишува во објавата на аеродромскиот Градоначалник, Муцунски.
Аеродром веќе е дом на ракометарите во СЦ „Јане Сандански“, а долг период споменатото игралиште го користеа и фудбалерите, пред поранешниот газда Сергеј Самсоненко, да го изгради тренинг центарот, каде црвено-црните сега немаат пристап.