Напаѓачот на Рома, Пауло Дибала е решен да ја промени средината ова лето, а неговата прва желба е кариерата да ја продолжи во Англија, пренесуваат италијанските медиуми.

Аргентинецот преку свои претставници веќе бил понуден на неколку клубови како Арсенал, Тотенхем и Њукасл, но засега нема одговор.

Она што е многу интересно во целата приказна е дека потенцијалните работодавци можат да купат одличен напаѓач за само 12 милиони евра.

Всушност, откриено е дека Дибала има клаузула во договорот со „римската волчица“ дека секој клуб од Италија за него мора да плати 20 милиони евра, а од некоја друга лига дури осум милиони помалку.

Дибала на „Олимпико“ пристигна минатото лето од Јувентус како слободен играч, а 29-годишниот фудбалер на 34 натпревари постигна 16 гола и има 8 асистенции, под водство на тренерот Жозе Мурињо.