Во Втората машка кошаркарска лига останува само уште едно слободно место за полуфиналето.
За него вечерва ќе се борат екипите на Соколи од Штип и Куманово, кои ќе го играат решавачкиот трет натпревар или популарната „мајстора“ од четвртфиналната рунда.
Домашниот терен се покажа како предност на првите две средби, по кои резултатот е израмнет 1:1 во победи, па вечерашниот меч во Штип, ќе го даде последниот полуфиналист воедно и противник на Охрид ток кој вчера ја доби „мајсторката“ со Работнички и со 2:1 во победи си обезбеди полуфинале.
А, во него, првиот пар го сочинуваат скопските екипи Вардар и Ангели .
Полуфиналната серија што ќе стартува следниот викенд, се игра во два добиени натпревари, а екипите што ќе обезбедат пласман во финалето, следната сезона ќе играат во Првата лига.
Вечерашниот дуел во Штип, меѓу Соколи и Куманово ќе започне до 19 часот.