„Супер-финалето“ на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL), под покровителство на ФИБА, за кошаркари до 17 години, годинава се одржува во Скопје.
Од денеска до недела, во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“, а во организација на скопската екипа Водно Санс Партизан, љубителите на кошарката ќе имаат можност да ги гледаат завршните дуели во ова натпреварување, што од година во година е се по масовно.
Најдобрите младински екипи од Романија, Италија и Србија ќе бидат гости неделава и ќе земат учество на овој турнир кој за прв пат се организира во Македонија. Екипата на Водно Санс, освен што е домаќин, како и другите екипи изборија учество преку претходните две фази на натпреварување кои се одржаа во Солун и Будимпешта.
„Добивањето на организација на еден ваков турнир е голема чест и задоволство, уште повеќе што нашата екипа има квалитет да се бори за првото место против екипите кои учествуваат неделава. Изминатата година, екипата до 15 години (генерација на деца родени 2007) зема учество и ја освои оваа лига а турнирот во Финска па се надеваме на сличен успех и оваа сезона“,
изјави тренерот на екипата на Водно Санс Партизан, Горан Андреевски.
Андреевски како главен тренер и Един Имер како помошник ќе ја предводат екипата составена од играчи родени 2006 и 2007 која ќе се состои од следните играчи: Андреј Андоновски, Андреј Белески, Бојан Бундовски, Даниел Бутемер, Питер Бутемер, Бојан Димитриев, Мартин Индов, Никола Јаничиќ, Коста Ќириловски, Марион Лазов, Лука Марјановиќ, Матеј Митев, Филип Стојановски, Омер Сулејмани и Атанасиј Трајанов.
Натпреварите ќе се играат во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ од денеска до недела, а сите натпревари ќе може да ги ГЛЕДАТЕ ВИ ЖИВО ОВДЕ или на официјалниот „Јутуб“ канал на Водно Санс Партизан.