Струмица не се појави на теренот на Тетекс!?
Викендот зад нас започнаа разигрувањата (плеј-офот) во Втората и Третата кошаркарска лига.
И ова не е некоја непозната информација, но она што се случува во третолигашката конкуренција е приказна за себе.
беше најавувана како „развојна“, демек, на помладите да им се даде шанса да имаат поголем број натпревари, а со тоа да се стекнат со поголемо искуство. Тоа би било така доколку не се случуваа илјадници „глупости“ во текот на сезоната, во која имаше и бројни инциденти, па дури и тепачки.
Во суштина, третата лига е приказна за „мали деца“. Клубови никлуваат како печурки само со една цел, да се земат пари од „ваучерот“, а никој не го интересира, суштината.
Последен во низата примери е тимот на Струмица. Решиле струмичани да не играат во плеј-офот!?
Екипата која заврши како четврто пласирана во „А“ групата, а со тоа се избори за настап во разигрувањето, не се појавила на натпреварот во Тетово против Тетекс, па како што информираат од МКФ, според правилата ја загубила четвртфиналната серија и тетовци директно обезбедуваат пласман во полу-финалето.
Па, добро, тоа се правилата.
Но, што е со регуларноста на првенството?
Мисли ли некој на останатите клубови, кои чесно си го одиграа лигашкиот дел од сезоната?
Зарем, ова е санкцијата која ќе ја заработи овој клуб или уште подобро речено, лицето кое донело таква одлука?
Кој ќе го надомести загубеното на другите екипи од несериозноста на поедини или тимот што туку така решил, ај не играме веќе!?
Искуствата од минатото велат. Се ќе остане на тоа.
Така беше и лани кога федерацијата го суспендира прилепскиот клуб Мега Баскет (поради пропуст и настап на играч без регулирана лиценца). За волја на вистината прилепчани сезонава се и главни фаворити за влез меѓу двете екипи што би обезбедиле пласман во Втората лига следната сезона.
А, бидејќи во мак-баскетот се е можно, нека не ве чуди ако следната година истиот клуб, предводен од истиот човек повторно биде дел од натпреварувањето.
Да. Понизок ранг од Третата лига нема, но реално како што во минатото се излекувале санкции за повеќегодишни суспензии, па имаше дури и доживотни, за забрана за инволвираност и работа во мак-баскетот, редно е и сека да се постапи така.
Само на тој начин ќе се заштитиме од „мешетарите“ и оние кои со ништо не придонесуваат за мак-баскетот, а функционираат на овој и слични начини со години.
Ова е само дел од небулозите што ни се случуваат во македонската кошарка. А, за промешената „одлука“ на федерацијата за така-наречената „двојна лиценца“, во некоја друга прилика.