Машката македонска ракометна репрезентација попладнево се собра во својата „база“ во х.„Александар Палас“ во Скопје, пред двата последни натпревари од квалификациите за Европскиот шампионат.
Од списокот на селекторот Лазаров поради повреди отпаднаа пивотмените Петов и Стојковиќ, но затоа во тимот се повратниците Георгиевски и Талевски.
Запрашан зошто повторно не е повикан Манасков селекторот кратко одговори.
„За Манасков имам едно непријатно искуство пред почетокот и за време на Светското првенство, така што одлучив шанса да им дадам на помладите играчи“, изјави Лазаров.
Што се однесува до дуелите со Луксембург на гости, и Турција на домашен терен во Скопје, Лазаров истакна.
„Мислам дека сите ќе го сфатат овој предизвик сериозно. Ние сме благи фаворити иако сме млада репрезентација. Ја преземаме таа улога. Немаме многу време за подготовка, но немаат ниту противниците. Ќе ги искористиме овие денови и најмногу ќе се подготвуваме на тактички план. Работиме подолго време заедно и мислам дека времето кое го имаме максимално ќе го искористиме. Нема да дозволам во ниеден момент да го потцениме противникот“, заврши Лазаров.
Првиот дуел Македонија го игра на гости на 26 април против Луксембург, додека квалификациите ќе завршат со дуел против Турција во Скопје на 30 април.