Екипата на Алкалоид стигна до нова победа во рамки на Супер лигата плеј-оф откако во последниот натпревар од 10.то коло одигран вечерва славеше победа на гостувањето кај Пролет со 28:22 полувреме 14:11.
Со оваа победа тимот на Кирил Лазаров практично го обезбеди третото место и пласман во европските купови за следната сезона.
На стартот од натпреварот домашниот тим Пролет имаше водство од 1:0 и 2:1, а потоа Алкалоид со серија од 6-1 поведе со 7:3. До крајот на првиот дел гостите имаа предност и на полувреме беше + 3 (14:11).
Во вториот дел продолжи сигурната игра на Алкалоид, но домашниот тим со многу подобра и поборбена игра натпреварот го направи возбудлив. Во финишот Пролет стигна и до изедначување 20:20, но поради малиот ростер домашниот тим немаше сили за подвиг.
Тоа го искористи Алкалоид и до крајот на дуелот со серија од 8-2 стигнаа до победата.
Најефикасен на дуелот беше Александар Василевски од Пролет со 6 голови, додека кај Алкалоид по 5 голови постигнаа Игор Ѓорѓиев и Александар Стојков.
Со денешната победа Алкалоид има 24 бодови, шест помалку од водечкиот тандем Вардар и Еурофарм Пелистер.