Ракометарките на Ѓорче Петров со победата над Чаир направија голем исчекор кон одбраната на шампионската титула. Тие во натпревар од 4.коло од суперлигашкиот плеј-оф остварија победа со 38-30.
Актуелниот шампион на Македонија во првиот дел имаше целосна контрола на резултатот. Натпреварот стартуваше со по еден гол на двете страни, а се играше израмнето се до 6 минута. Потоа Ѓорче направи серија од 2-0, но Чаир успеа да се врати во игра и изедначи.
Гостинскиот тим направи неколку грешки, а тоа домашната екипа го искористи и поведе со три разлика за 11-8. Резултатот се зголемуваше во полза на Ѓорче и на полувреме беше плус четири за 19-15.
Актуелните шампионки во второто полувреме не дозволија никакво изненадување и постепено ја зголемуваа предноста. Домашниот тим со серија 5-0 успеа да стигне на плус седум за 24-17. Во тој момент беше скршен отпорот на мотивираниот Чаир, кој до крајот на дуелот парираше колку што можеше, но Ѓорче Петров беше доминантен.
Максимална разлика од девет гола домашниот тим оствари во 52.та минута за 34-25. Ракометарките на тренерот Симе Симовски чекор по чекор се оддалечуваа, градеа сигурна предност и крајниот резултат беше 38-30.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Ангела Јанкуловска со девет погодоци, а кај поразената екипа Амела Џакмич даде шест гола.
Со оваа победа и новите бодови, сега вкупно 28, тимот на Ѓорче Петров сега има седум бодови повеќе од второпласираниот Чаир (21 бод), а дури 9 од треторангираниот Куманово.
Ивона Кимовска