Екипите на Вардар и на Алкалоид со победи го отворија 6-то коло од Супер лигата плеј оф откако ги совладаа Тиквеш односно Еурофарм Пелистер 2.
Вардар со едно полувреме квалитетна игра го совлада Тиквеш со 35:25 (15:15). Гостите од Кавадарци беа равноправен ривал во првите 30 минути, кога настапуваше „втората постава“ на Вардар и ниту една екипа немаше предност. Во вториот дел „црвено-црните“ рутински стигнаа и до двоцифрена разлика. Јан Чувара, Гоце Георгиевски и Дејан Монасков постигнаа по 6 голови кај Вардар, а голманот Мартин Томовски имаше 14 одбрани.
На гостувањето во Битола, Алкалоид рутински дојде до победата против „вториот тим“ на Пелистер со 35:30 (20:15). Домашниот тим имаше водство само од 1:0 и 2:1, а во останатиот дел од дуелот избраниците на Кирил Лазаров без проблем ја одржуваа предноста. Мартин Серафимов и Божидар Илиевски со по 7 голови беа најефикасни кај победникот, а по 7 голови кај домашниот тим најефикасни беа: Самоил Ристевски и Мартин Ивановски.
Во следното коло во текот на викендот (сабота 20 часот) во салата во Автокоманда, Алкалоид е домаќин на Вардар.
Во терминот од 18 часот играат Бутел и Пролет, додека утре од 17:30 часот е дуелот меѓу Еурофарм Пелистер – Охрид.
По нецелосното 6.то коло Вардар е прв со 18 бодови, пред Еурофарм Пелистер со 15, колку што има и Алкалоид. Тиквеш е на четвртото место со 10 бодови