„Ракометот ми е сé“ – Марко Стојковиќ
Македонија од секогаш имала спортски таленти. Дел од нив успеале да изградат и врвни кариери, дел од најразлични причини не. Некому му се „посреќило“ да работи со врвни тренери кои имале трпение и им давале шанса, а некои таа среќа ја немале. Ние секогаш се трудиме првенствено да гледаме на позитивните пример.
Еден таков е ракометарот на Алкалоид, пивотменот Марко Стојковиќ.
19 годишниот Марко Стојковиќ, е еден од оние млади македонски спортисти, кои имаат позитивно искуство. 203.сантиметри високиот Марко, може со право да го понесе прекарот „Горостасот од Автокоманда“.
Израснат во близината на спортската сала во Автокоманда, од која излегле голем број на докажани ракометни македонски великани, Марко, спортското „патешествие“ го започнал во кошарката.
„Започнав со кошарка. Бев во група на одлични деца кои како и мене го сакаат спортот. Тоа дополнително ми ја зголеми љубовта за спортот. Во тој период, бев нешто поголем, повисок, но и покрупен, од останатите па играв на центарската позиција, бев тежок центар, хахаха…“, низ смена започнува Марко.
Играта на нештата го приморува Марко да се откаже од кошарката, но, случајноста и блискоста на неговиот татко Бобан со повеќемина ракометари кои во тој период настапувале за Металург ќе го одведе Марко до дресот на сениорската репрезентација на Македонија.
„Во кафичот на мојот татко кој е во близина на салата, доаѓаа речиси сите ракометари на Металург. Многумина од нив беа и се блуски пријатели и ден денеска со таткоми. Еден ден, Немања Обрадовиќ ми рече… – Марко зошто не почнеш да тренираш ракомет!? И таткоми го поддржа во таа идеја, па си реков, зошто да не се обидам. Имав само 15,5 години, а го сакам спортот, па да ајде да пробам“, ни раскажува Марко за идејата како од кошарката се преориентираl во ракометот.
„Отидов во Металург, но на почетокот тоа беше во ракометната школа, во кој се работеше два-три пати неделно. Јас бев решен, сакам да играм ракомет, a не рекреативно“ да трчкам.
Како младо момче тој собира храброст и оди да разговара со Александар Јовиќ кој во тој период работи со младинците на Металург, и од него бара „Тренеру јас сакам сериозно да тренирам ракомет“.
Добива шанса и по неколку тренинзи од школата е прекомандуван во кадетскиот тим на Металург. На почетокот, поради својата висина тој игра на бековската позиција, се до натпреварот со грчки АЕК, на кој поради повредата на пикерите, тогашниот тренер Димитриевски го прекомандува на таа позиција. Седумте (7) постигнати гола, се доволен показател дека токму тоа место и таа позиција е вистинската за него. Неговите настапи ги забележува и Андон Бошковски – Доне кој го повикува во редовите на новоформираниот КЛ7. Оттука започнува напредокот на Стојковиќ.
„Од крупно, буцкасто дете, за три месеци, спуштив голема килажа. Тогаш и најмногу пораснав. Сфатив дека морам комплетно да се посветам на она што сакам да го правам, да играм врвен ракомет. Се консултирав нутриционисти, го сменив начинот на живеење што го имаат моите врсници, и целосно се посветив на ракометот“, вели гордо Марко.
И не згрешил. Упорноста, откажувањата од секојдневните стандардни „шеми“ на тинејџерите, го прават Марко поразличен.
Преминот во Алкалоид е клучниот момент за твојот успех!?
„До вчера го гледав само на ТВ, а сега пред себе како дели совети. Да го имаш за тренер најдобриот светски ракометар, Кирил Лазаров, е шанса што не смее да се пропушти. Има што да се научи“, е одговорот на Марко на нашето прашање, како се реши за Алкалоид, иако не е непознато дека имаше и понуди од странство.
„Да, можеби во Германија, Франција и други ракометни земји е поинаку, но важен е системот на работа, а тој е макотрпен и треба време. Јас сум млад и времето е пред мене. Несакам да избрзувам. Во Алкалоид ги имаме сите услови да напредуваме. Од сала, стручен кадар и се што е неопходно еден млад спортист да се развива правилно“, резонира Марко.
По настапот на подмладената селекција која играше на Медитеранските игри во Египет, Марко не ни сонувал дека ќе дојде и повикот за сениорската репрезентација.
Какво беше чувството кога дозна дека си повикан во најдобрата селекција
„Единствениот што веруваше во тоа беше татко ми. Тој ми велеше. Продолжи така и сигурно ќе бидеш дел од сениорскиот тим. И тоа се случи. По еден тренинг, го отворив телефонот и го прочитав моето име на поширокиот список. Не можев на верувам. Веднаш го известив Боби (неговиот татко)“.
Да се биде во конкуренција на најдобрите во спортот што со голема традиција и најпопуларен во нашата земја секако е обврска повеќе, па Марко уште повеќе почнува да вложува во себе. Следува макотрпната работа со кондицискиот тренер Петар Баснарков, кој како што вели Марко, е еден од најзаслужните што денеска може да се носи со далеку поискусните од него конкуренти на позицијата пикер за која е потребна исклучително многу физичка подготвеност.
„Настапот на Светското е приказна за себе. Самото пеење на македонската химна и носењето на црвено-жолтиот дрес, не е само гордост и задоволство, туку пред се обврска кон оној што ти ја дал таа можност (селекторот Лазаров), но и кон целиот македонски народ“, видно возбуден ни раскажува Марко за првото репрезентативно сениорско искуство.
„Имаме млада репрезентација, на која и е потребно време.
Преку ноќ не може ништо да смениме. Мојот пример е факт за тоа.
Убеден сум дека оваа селекција за 3-4 години ќе игра најмалку полуфинале на Европско, дај Боже и на Светско првенство“.
Каде се гледаш во иднина, кои се твоите амбиции!?
Репрезентативните амбиции, Марко ги поврзува и со клупските, па ќе додаде дека од младата екипа на Алкалоид која прва сезона е во „елитното друштво“, очекува уште годинава да се избори за настап во евро-куповите.
„Традицијата во Автокоманда ни го налага тоа. Во мојата населба, навикнати се на успеси и големи резултати. Затоа ја имаме и поддршката на трибините. Условите што ги имаме се светски. На нас сите е да истраеме во она што го работиме и она што ни е зацртано како цел, верувам, ма не убеден сум, дека еден ден Алкалоид ќе игра и во Лигата на шампионите“.
Приказните за големите светски имиња, како Ивано Балиќ и Алберт Наѓ, кои се легенди на светскиот ракомет, а на кои првите почетоци во спортот им биле во кошарката, се само причина и мотив повеќе за 19-годишниот Марко Стојковиќ, да продолжи посветено, како и досега, да се развива во врвен ракометар, за кој ќе пишуваат и светските медиуми.
А, ние сме тука, да го следиме неговиот пат, но и да бараме и промовираме идни македонски спортски „ѕвезди“, затоа што Македонија е земја на спортски таленти, само треба трпение, шанса и многу работа со нив.
ФОТО: Архива на ракометарот и РФМ